Италијанското Министерство за туризам се соочува со потсмев од јавноста откако во официјалното видео за привлекување туристи во Италија биле искористени снимки на луѓе во Словенија како пијат словенечко вино, пренесуваат Гардијан и Си-Ен-Ен.
Видеото насловено „Open to Meraviglia“ („Отворено за чудење“) било објавено како дел од кампања вредна 9 милиони евра. Рекламата била исмејувана од корисниците на социјалните мрежи уште пред да биде откриено дека користи снимки од друга земја, поради начинот на кој во неа била прикажана реинтерпретирана верзија на Венера од ренесансниот мајстор Сандро Ботичели.
Имено, во видеото, божицата била прикажана во мини здолниште и како јаде пица додека претставува некои од главните туристички атракции во Италија, како што се Колосеумот во Рим или катедралата во Фиренца. Историчарот на уметност Томазо Монтанари ја нарекол рекламната кампања „гротеска“ и „безобразно“ трошење пари.
Италијанската министерка за туризам, Даниела Сантанче, застана во одбрана на видеото, нарекувајќи ги неговите критичари „снобови“. Според неа, прикажувањето на Венера како „инфлуенсерка“ имало за цел да ги привлече младите луѓе.
Меѓутоа, најголема контроверзија предизвика снимката која прикажува група млади луѓе кои пијат вино. Оние внимателните забележале дека дејството на снимката всушност се одвива во селото Горјанско, во словенечката општина Комен, неколку милји од италијанската граница. Виното кое го пиеле, исто така имало етикета од словенечки винарија.
Видеото било објавено на следниот линк на Јутјуб, но во меѓувреме е прекласифицирано како „приватно“ и не може да се гледа јавно.