Познатиот бренд на фото-апарати Leica го лансираше својот прв смартфон наменет за професионалните и аматерски фотографи, кој ќе биде познат под името “Leitz Phone 1”.
Главната одлика на новиот паметен телефон е неговата задна камера од 20 мегапиксели и сензор од 2,5 сантиметри. Се работи за најголемиот сензор од кој било смартфон на пазарот. Камерата си доаѓа и со сопствено капаче, па така функционира слично како дигитална рефлексна камера со една леќа.
Од предната страна се наоѓа стандардна смартфон камера од 12.6 мекапискели. Исто така, паметниот телефон има процесор Snapdragon 888, екран од 6.6 инчи (16.7 сантиметри), 12 GB RAM, 256 GB на простор за складирање на податоци и батеријата од 5,000 милиампер часови. Уредот ќе работи на оперативниот систем Android 11.
Телефонот доаѓа во мат црна боја, додека пак црвеното лого на Leica се наоѓа на горниот десен агол од задната страна.
Засега, паметниот телефон ќе се продава само во Јапонија по цена од 187,920 јени, односно околу 1700 американски долари. Нема дополнителни информации дали тој ќе стане достапен и интернационално.