Германскиот супермаркет Lidl и британскиот супермаркет Tesco се судрија по прашањето околу интелектуалната сопственост на „жолтиот круг на сина позадина“ во нивното брендирање и маркетинг на британскиот пазар.
Во септември 2020 година, Tesco почнале да користат жолт круг со сина позадина како лого за својата програма за лојалност Clubcard. Тоа не им се допаднало на Lidl, чие лого исто така има жолт круг на сина позадина, обвинувајќи го својот британски конкурент дека сака да остави „впечаток на ниски цени“ по што се познати самите тие.
Lidl ги повикале Tesco да го редизајнираат амблемот на нивната програма за лојалност, но овие одбиле, па германскиот бренд одлучил да ги „однесе“ на суд.
Судската одлука била конечно донесена минатата недела, кога Врховниот суд на Обединетото Кралство застанал на страната на Lidl, пресудувајќи дека Tesco ги прекршиле трговските марки и авторските права на својот германски конкурент и се обиделе да предизвикаат асоцијации кај потрошувачите во однос на нивните попустни цени како споредливи со оние на дисконт маркетот Lidl.
Претстаник на Lidl соопштил дека компанијата е задоволна што судот се согласил со нивниот став. Од друга страна, Tesco посочиле дека ќе поднесат жалба на судската одлука.