Home » Extra 5 » Македонците ги зафати манија за кликање реклами со која очекуваат брза заработка

Македонците ги зафати манија за кликање реклами со која очекуваат брза заработка

Многу млади луѓе во последно време кликаат реклами на американски, португалски, шпански сајтови со надеж за брза и добра заработка.

Претежно се тоа невработени луѓе, кои дневно одвојуваат од 5 минути до неколку часови за кликање на реклами.  Раскажуваат дека треба да се вклучат  уште најмалку 8 други луѓе и мрежата на кликање реклами да се шири. Некои од нив тоа го прават со месеци, велат заработиле илјадници  долари, но парите не можат да ги повлечат или не знаат како.

„Кликам од летово по 30 реклами дневно. На некои сајтови рекламите излегуваат на секои 6 часа. Претходно кликав на сајт каде една реклама е половина денар и тоа е многу малку, а сега кликам на сајт каде се плаќа по 450 денари од реклама. Знам многу луѓе кои кликаат, но не познавам никој кој засега земал пари. Се зборува дека може парите да се префрлат на paypal и да се купува  онлајн.  Не познавам човек кој пазарува со тие пари, само сум слушнала дека така може парите да се искористат. На два сајта имам некаде 5.000 долари досега, но ми фали уште еден човек да логирам преку мене за да побарам исплата.  Дури и да се пазарува со тие пари, би порачала производи од интернет кои  би ги продала и пак мојата работа би ја претворила во пари“ – вели 34 годишната Сузана К. од Куманово.

Друг млад кумановец објаснува дека извесно време кликал реклами, но потоа сајтот го снемало. Вели требало да се кликаат 20 реклами за 5 дена во неделата, а секоја реклама траела 1 минута.

„Секоја реклама траеше по 1 минута и мораше да се чека. Со тоа на контото добиваш по 3 долари, а кога ќе направиш 300 можеш да побараш исплата.  Но, тоа не го дочекавме. Сајтот го снема, а и пред  да го снема имаше некои проблеми. Лошо е што требаше да се прикачи лична карта. Се лажеме за некој долар“ – додава нашиот соговорник.

Граѓанин на Свети Николе вели дека вклучил уште 29 луѓе, побарал исплата на заработените пари и уште чека дали ќе има некаков профит.

Ненад Ристовски од маркетинг агенцијата Публицис, вели дека веќе подолго време постојат вакви шеми.  Објаснува дека се користат софтвери или дедицирани веб страници од странство чија функција е постојано да сервираат реклами од различни платформи, а на корисникот му се нуди дел од заработката којашто ја плаќа огласувачот за секој клик на неговата реклама.Станува збор за многу мал приход од секоја кликната реклама, што најчесто се мери во центи, па затоа луѓето поминуваат часови и часови во кликање за да дојдат до заработка од неколку долари.

„Морам да потенцирам дека се работи за измама односно за нелегален начин на заработка.Оштетените во оваа ситуација се огласувачите, кои се цел на т.н “Ad fraud”. Тие во овој случај плаќаат за лажни кликови на нивните реклами. Се смета дека во светски рамки околу 7 – 8 милијарди долари годишно огласувачите губат преку ваков тип на измами.Сепак контролата во изминатите години е сериозно зголемена и порелевантните огласувачките платформи ги суспендираат овие активности. Огласувачите сега имаат начини и алатки за да се осигураат дека нивната реклама ќе се пласира на вистинската публика, во вистинско време и на вистинско место, така што овие лажни кликови се повеќе ќе бидат санкционирани.Луѓето кои се обидуваат да заработат на овој начин со кликање на реклами може во секој момент да бидат пенализирани и да им биде замрзната заработувачката. Платформите доколку забележат поголем број на кликови од иста IP адреса, истиот акаунт веднаш ќе го суспендираат и понатаму нема да има можност за заработка.  Дополнително, корисниците си ги изложуваат своите уреди на можни вируси и други малициозни софтвери кои можат да им направат штета поголема од евентуалната заработувачка“ – објаснува Ристовски.

Според  неговите  информации, корисниците кои што средствата  ги заработиле на овој начин, ги примаат на странски картички или платформи, а потоа ги користат најчесто за онлајн купување во странство, со што ја избегнуваат обврската за плаќање на персонален данок на доход во земјава.

Затоа оваа активност е нелегална од повеќе аспекти, а приносите кои истата може да ги понуди се многу мали во однос на ризикот кој се превзема.

Автор: Сања Атанасовска / Преземено од: Фактор.мк

Автор Marketing365

Маркетинг365 (М365) е прв македонски портал кој во фокусот ја има маркетинг, медиа и ПР индустријата во Македонија. Формиран е во 2011 година и во своето досегашно постоење има добиено неколку домашни и меѓународни признанија вклучувајќи ги и “Блог на годината“ (прво место, 2011 и 2015 год.), “Највлијателен балкански блог кој доаѓа од Македонија“ (прво место 2012) и “Најдобар бизнис-информативен веб сајт“ (второ место, 2014). Почнувајќи од февруари 2015 година, Маркетинг365 е официјален претставник во Македонија на најпознатиот светски креативен фестивал Cannes Lions. Тимот на М365 го сочинуваат активни професионалци од маркетинг, медиа и ПР индустријата во Македонија. e-mail : contact@marketing365.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

Marketing365 Marketing365 Marketing365