Американскиот технолошки гигант Microsoft се откажа од своето набљудувачко место во одборот на компанијата за развој на вештачката интелигенција OpenAI.
Microsoft го доби ова седиште во ноември минатата година по превирањата во водството на OpenAI, кога Сем Алтман најпрвин беше симнат, а потоа вратен на главната директорска позиција. Набљудувачкото седиште на Microsoft им овозможуваше да присуствуваат на состаноците на одборот на OpenAI и да имаат пристап до доверливи информации, но без право на глас, вклучително и во изборот на директори.
Меѓутоа, набљудувачкото место и инвестициите на Microsoft во вредност од над 10 милијарди долари во OpenAI предизвикаа вознемиреност кај антимонополските комисии на Европската Унија, Велика Британија и САД. Се шпекулира дека одлуката за повлекување од бордот доаѓа токму како обид на Microsoft да ја адресира загриженоста на регулаторите.
Во меѓувреме, се очекуваше дека слично набљудувачко место во бордот на OpenAI би можеле да добијат и Apple, откако компанијата минатиот месец најави интеграција на нивните уреди со четботот ChatGPT, развиен од OpenAI.
Сепак, се чини дека по повлекувањето на Microsoft, OpenAI повеќе нема да доделува вакви позиции. Немeсто тоа, компанијата ќе воспостави нов пристап за ангажирање со засегнатите страни преку организирање редовни состаноци со стратешки партнери како Microsoft и Apple, и инвеститори како Thrive Capital и Khosla Ventures.