Технолошката компанија за развој на вештачката интелигенција OpenAI соопшти дека постигнале договор со Сем Алтман за овој да се врати како извршен директор на компанијата, само неколку дена по неговото „соборување“.
Покрај враќањето на Алтман, компанијата начелно се согласила делумно да го реконструира Одборот на директори што него го разреши. Поранешниот ко-извршен директор на Salesforce, Брет Тејлор, и поранешниот министер за финансии на САД, Лери Самерс, ќе му се придружат на Адам Д’Анџело, извршен директор на Quora. Д’Анџело беше дел од претходниот Одбор кој првично го отпушти Алтман во петокот, но ќе остане дел од новиот Одбор за да одржи некаков континуитет.
Првата задача на овој мал Одбор ќе биде да се прошири до девет членови, што ќе го ресетира управувањето со OpenAI.
Технолошкиот гигант Microsoft, кој има инвестирано над 10 милијарди долари во OpenAI, сака да има место во проширениот Одбор на директори, вклучувајќи го и самиот Алтман. За време на прес-турнејата оваа недела, извршниот директор на Microsoft, Сатја Надела, рече дека компанијата не сака повеќе „изненадувања“.
Сите клучни страни го потрдија договорот за враќање. Старо-новиот извршен директор Сем Алтман напиша: „Сè што направив во изминатите неколку дена беше во функција на одржување на заедништвото на овој тим и неговата мисија“.