Минатиот август, Amazon ја лансираше кампањата “Prime Changes Everything” (“Prime менува сé”) со две реклами во кои им даде еден поинаков тек на приказните за Клеопатра и Рапунзел. Неколку месеци подоцна, компанијата ги објави следните две продолженија на кампањата, овој пат преработувајќи ги приказните за Наполеон и митската Медуза.
Кампањата има за цел промоција на премиум претплатничкиот сервис на Amazon, наречен Prime, посочувајќи дека сé би било поразлично, а и подобро, доколку Наполеон и Медуза биле претплатени на Amazon.
Така, во рекламата за Наполеон гледаме како францускиот војсководец, наместо да води војни и да освојува територии, се насочил кон стенд-ап комедијата – благодарение на сите комичари кои ги гледал преку стриминг-сервисот на Amazon.
Во втората реклама, учиме дека проклетството на страшната митска Медуза да претвора во камен секој што ќе ја види во очи ја попречува нејзината можност да создава пријатели, поради што таа се чувствува многу осамено. Но, благодарение на Amazon, таа си купува специјални темни наочари кои конечно ѝ овозможуваат да создаде пријатели, без да ги претвори во камен.
Кампањата е создадена со помош на креативната агенција Joint London и продукциската куќа Hungry Man.