Американскиот бренд на спортска опрема Nike официјално ја вклучи женската кошаркарска сензација, Кејтлин Кларк, во својата елитна група на спортисти со личен бренд, подарувајќи ѝ сопствен логотип и линија облека. Со тоа, 23-годишната кошаркарка на Indiana Fever, која претходно потпиша осумгодишен договор со компанијата во вредност од 28 милиони долари, стана една од ретките жени кои го добиле ова признание.
Новиот логотип се состои од три меѓусебно поврзани букви „C“ – иницијалите на Кларк. Дизајнот симболично ја претставува нејзината игра, точноста и смирената самодоверба, како и силната врска со фановите. Кларк активно соработувала со тимот на Nike за да се осигура дека логото ќе ја одразува нејзината личност и ќе го издржи „тестот на времето“.
Првите производи ќе бидат достапни уште оваа есен. Маичка во сина и жолта боја е веќе пуштена во продажба во Северна Америка од 1 септември, а целата колекција ќе следи на 12 октомври – вклучувајќи дуксерки, панталони и шорцеви. Колекцијата е наменета за спортисти од сите возрасти, а дел од производите ќе имаат премиум изработка за возрасни купувачи.
Најголемо внимание сепак привлекува најавата за нејзините први, лично-брендирани патики. Иако веќе настапуваше во специјално дизајнирани модели на Kobe, нејзините официјални патики нема да се појават пред 2026 година. Од Nike објаснуваат дека подолгиот рок е свесно одбран, со цел да се развие внимателен и траен дизајн.
Овој потег го нагласува растечкото влијание на Кларк во светот на кошарката и посветеноста на Nike кон женскиот спорт. Притоа, компанијата ја претставува не само како врвен спортист, туку и како културна фигура, најавувајќи нова ера во која жените-спортистки ги обликуваат трендовите во културата надвор од терените.
View this post on Instagram