Рудникот за олово и цинк САСА и годинава ќе стипендира студенти од насоките поврзани со развојот на рударството на Факултетот за природни и технички науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Рудникот обезбедува вкупно 10 стипендии за студентите запишани на прва година во учебната 2019/2020 година и тоа, пет стипендии на студиската група Рударство и пет на групите Геологија и Инженерство за заштита на животна средина. Годишните стипендии се зголемени во однос на минатата година и се со висина од по 600 евра.
Во текот на студиите овие студенти дополнително ќе можат да се запознаат со работата на Рудникот САСА и да се стекнат со првично искуство за тоа како функционира еден современ и одговорен рудник. Покрај финансиската поддршка во текот на студирањето, компанијата остава можност најдобрите од стипендираните студенти да бидат вработени во компанијата по завршувањето на студиите.
„Ја продолжуваме соработката со Факултетот, убедени дека така ги стимулираме талентираните млади луѓе да се определат за нашата индустрија и да бидат што помотивирани за стекнување научни, но и практични знаења во текот на студиите. Веруваме дека со ваквите активности дополнително додаваме аргументи младите својата иднина да ја гледаат дома, во својата средина, вели генералниот директор на САСА, Олег Телној.
Како компанија која постојано води сметка за развој на локалната средина во која се наоѓа и стопанисува, при бодувањето на кандидатите за добивање на стипендиите, Рудникот САСА посебно води сметка за младите луѓе од Македонска Каменица и од околните населени места.
Сите заинтересирани кандидати за овие стипендии можат дополнително да се информираат на Факултетот за природни и технички науки при УГД – Штип, како и во локалната канцеларија за комуникација со јавноста на САСА во Македонска Каменица и преку електронска пошта, на v.ristovska@sasa.com.mk .
Рудникот за олово и цинк САСА е во сопственост на Централ Азија металс (Central Asia Metals PLC) која котира на Лондонската берза и има долгорочни планови за развој на рудникот и на општествено одговорни проекти важни за просперитетот на локалната заедница и на економијата.