Од 1 јануари 2020 година, градот Белград ќе ја забрани употребата на пластични кеси, а одлуката ќе биде донесена на наредната седница на Советот на град Белград, која ќе се одржи до крајот на август, најави заменик градоначалникот на Белград, Горан Весиќ.
Наведувајќи дека Белград, со измените на Законот за главниот град, добил овластување самостојно да ја регулира оваа област и дека се исполнети условите за забрана за употреба на пластични кеси, Весиќ истакна дека Белград ќе биде меѓу првите градови во Европа што ќе донесе таква одлука.
“Пред повеќе од една година, на состанок со претставници на трговските синџири, најавив дека од 2020 година на територијата на градот Белград во малопродажните објекти нема да биде дозволено користење на пластични кеси. Во меѓувреме, трговските ланци воведоа наплата на овие кеси и оваа мерка доведе до намалување на нивното користење во Белград за околу 60 проценти, напиша Весиќ на својот Фејсбук профил.
Тој додаде дека гувернерот на Њујорк, Ендрју Куомо, веќе потпиша закон со кој од март 2020 година на територијата на оваа сојузна држава во САД ќе биде забранета употребата на пластични кеси, а и германската министерка за екологија, Свења Шулце планира закон за забрана на употреба на пластични кеси и редуцирање на пластични амбалажи.
“Европската Унија до 2021 година ќе ги забрани производите од пластика за еднократна употреба како што се пластични сламки, вилушки, ножеви, додека за другите производи од пластика е оставен рок во кој треба да престане нивната употреба“, додаде Весиќ.