Балканската дизајнерска мрежа, која е составена од културната организација Јавна соба/ Public Room – Скопје, организацијата Миксер – Белград и Хрватското дизајнерско друштво – Загреб, го распиша петтиот по ред конкурс Young Balkan Designers 2015 (Млади балкански дизајнери 2015) под слоганот „Common Grounds”или „Заедничко тло“. Конкурсот е отворен до 28.февруари 2015 година и е наменет за млади дизајнери до 35 години од Албанија, Австрија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Грција, Унгарија, Македонија, Црна Гора, Романија, Словенија, Србија и Турција
Годинешното издание на проектот Млади балкански дизајнери (Young Balkan Designers) под слоганот Заедничко тло (Common Grounds), повикува на интроспективен поглед кон сопственото наследство и културна вредност, корените, автентичноста и несовршеноста, како и на нивната интелигентна примена во контекст на современиот Балкан. Авторите се повикани на размислување за наследството во најшироки рамки, почнувајќи од своето лично потекло и култура, до колективното наследство, како и активирање на вредностите на културните добра и инкорпорирање на материјалното и нематеријалното наследство во своето дело.
Меѓународното жири со кое претседава реномираниот дизајнер Константин Грчиќ (КГИД, Германија), ќе ги одбере победниците на годинешниот конкурс. Членови на жирито се:
Jan Boelen – Z33, куќа за современа уметност (Белгија), Никола Радељковиќ – индустриски дизајнер -Numen/ForUse, претседател на Балканската дизајн мрежа, (Хрватска), Јелена Матиќ – дизајнер на мебел – Шумарски факултет, Белград (Србија).
Предмет на конкурсот можат да бидат дизајн концепти, производи (мебел, осветлување, ентеријерни елементи, секојдневни предмети, куќна опрема, помошни производи), урбани услуги, рециклирани материјали, модна конфекција и т.н. кои нудат иновативни, но и рационални решенија за секојдневните проблеми.
Делата одбрани на конкурсот ќе бидат дел од двегодишната програма Young Balkan Designers која подразбира регионален дизајнерски конкурс, меѓународна патувачка изложба и програма за мобилност и едукација за младите дизајнери. Исто така, авторите на трите најдобри проекти ќе посетуваат резиденцијални менторски работилници кои ќе бидат организирани во соработка со водечките дизајнери и произвидители. Резиденцијалните работилници ќе бидат организирани во Скопје, Белград и Загреб сѐ со цел да се зајакне соработката со компаниите.
Ментори за развој на проектот се: Никола Радељковиќ – индустриски дизајнер -Numen/ForUse, (Хрватска), Ивана Боровњак, индустриски дизајнер, претседател на Хрватското дизајнерско друштво (Хрватска), Александар Велиновски, дизајн менаџер, основач на Skopje Design Week (Македонија), Јелена Матиќ – дизајнер на мебел – Шумарски факултет, Белград (Србија), Маја Лалиќ – архитект, креативен директор и основач на организацијата Миксер (Србија)
Конкурсот е отворен за сите лица до 35 години од следните земји: Албанија, Австрија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Грција, Унгарија, Македонија, Црна Гора, Романија, Словенија, Србија и Турција. Апликантите може да бидат индивидуалци или група на автори. Секој апликант може да се натпреварува со повеќе дела.
Конкурсот е отворен до 28 февруари 2015 година.
Пријавите се вршат со пополнување на формулар на следниот линк:
http://www.balkandesignnetwork.com/ybdopencall2015
Организатор на проектот:
Балканската дизајн мрежа (balkandesignnetwork.org) е иновативна платформа основана од страна на Јавна соба (Public Room) од Скопје, Хрватското дизајнерско друштво и организацијата Миксер од Белград, со цел да даде поддршка за развој и промоција на балканскиот дизајн, како во регијата, така и на европската меѓународна сцена.
Инфо и прашања:
ybd@balkandesignnetwork.org
www.balkandesignnetwork.org
Проектот е дел од развојот на креативните индустрии во Македонија, и е поддржан од Министерството за култура на Република Македонија и од Европската Унија, од програмата Креативна Европа.