Адвокатската компанија DLA Piper направи анализа на изречените казни поради кршење на одредбите за приватноста на податоците кои досега се изречени во ЕУ во првата година и половина од воведувањето на GDPR.
Откако на 25 мај 2018 година стапи на сила Општата регулатива за заштита на податоците (GDPR), во Европската унија, Норвешка, Исланд и Лихтенштајн се пријавени над 160.000 случаи на кршење на оваа регулатива. Според најновите податоци собрани и објавени од адвокатската фирма DLA Piper, досега, за година и половина, се изречени казни во вредност од 114 милиони евра за разни прекршоци поврзани со повреди на GDPR.
Кога станува збор за поделба по земји, бројот на пријавени прекршоци и висината на изречените казни значително се разликуваат. Најголем дел на прекршоци се пријавени во Холандија (над 40 000), Германија и Велика Британија, а највисоки казни се изречени во Франција, Германија и Австрија (51, 24,5 и 18 милиони евра).
Највисоката поединечна казна, која ја става Франција на врвот на оваа листа, е таа што е изречена на Гугл во оваа земја и изнесува 50 милиони евра.
Предвидените казни за прекршување на одредбите на GDPR, без оглед дали се работи за недоволна заштита на податоците, неправилно барање на одобрување или протекување на податоци во јавноста, може да достигнат до 10 милиони евра или 2% од вкупниот годишен обрт на компанијата, зависно од тоа кој износ е поголем. И покрај големите казни, прекршоците стануваат се почести. Во периодот помеѓу мај 2018 и февруари 2019 година, забележани се во просек 247 прекршоци дневно, а овој број во изминатата година порасна на просечно 278 прекршоци на ден, што претставува зголемување од 12,6%.