На 25-тиот Сараево Филм фестивал, во рамките на програмата Avant Premiere Gala, во Cinema City синоќа се прикажани првите две епизоди од криминалистичката серија БЕСА, чија напната приказна за цврсто ветување што мора да се одржи и по цена на животот – „беса“, гарантира дека ќе го задржи вниманието на публиката во текот на сите 12 епизоди.
Серијата, која ја воодушеви публиката во Сарево е во меѓународна копродукција на Adrenalin и Red Planet Pictures, а создадена е според највисоки продукциски стандарди.
БЕСА, собра и меѓународна и регионална екипа на автори и актери, предводени од реномираниот британски сценарист Тони Џордан, кој се прослави со ТВ сериите “Hustle“ и “Life on Mars“. На овој начин, Џордан, заедно со сценаристот Младен Матичевиќ и тим автори од нашиот регион, а по оригинална идеја на Срѓан Шапер, ја создадоа првата регионална серија која ги задоволува сите стандарди на добро познататите британски драмски серии. Возбудливите епизоди носат приказна за едно семејство чиј живот драматично се менува кога лавиринт од непредвидени околности ќе ги вкрсти патиштата на Урош, обичен човек и Дардан, регионален шеф на мафијата.
„Да се работи на Беса беше едно фантастично искуство бидејќи приказната е одлична, целиот регион беше некако вклучен во нејзино создавање и целиот регион треба да биде горд на таков проект. Одлична продукција и актерска екипа. Прекрасно е да се види дека оригинални драми, какви што можат да се видат низ целиот свет, доаѓаат и од Балканот и се универзални приказни со кои сите можеме да се идентификуваме и се интересни за гледачите низ целиот свет“, рече Тони Џордан, главен автор и креатор на серијата .
Под режисерската палка на Душан Лазаревиќ, серијата во кој глумат дури 200 актери од поранешна Југославија, но и од Албанија, Велика Британија и Франција, беше снимена за 120 дена на атрактивни локации низ целиот регион.
Лазаревиќ, кој се потпишува како режисер на ТВ серии кои успешно се прикажуваа на ББС и Нетфликс, а на локалната публика и е познат како режисер на првата сезона од серијата „Жени од Дедиње“, синоќа ја поздрави фестивалската публика и ги сподели своите впечатоци од работењето во БЕСА: „Вложивме голем труд да се направи една добро смислена жанровска приказна, нетипична за ова подрачје, автентично вткаена во историското и културното милје и менталитетот на луѓето од овој простор. Одличната актерска изведба, инспиративното сценарио и исклучителниот креативен авторски тим го направи ова мое режисерско искуство незаборавно.“
За тоа колку било предизвикувачки да се донесе домашна и меѓународна екипа на врвни автори и актери и успешно да се одговори на највисоките продукциски стандарди, продуцентот на серијалот БЕСА, Теа Королија изјави: „Работата на Беса беше голем предизвик уште од самиот почеток, од развој на сценариото и запознавање со Тони Џордан и неговиот начин на работа. Проектот беше исклучително комплексен во секој сегмент. Игор Стоименов и јас работевме како продукциски тим и ја следивме буквално секоја креативна одлука од многубројните верзии на сценарија, преку кастинг, решавање на сите проблеми до крајните верзии во монтажа и имавме огромна одговорност за време на овој долг процес, каде што цело време бевме помеѓу англискиот тим и нивните очекувања и стандарди од една страна, а нашата екипа и локалните услови и можности од друга страна. Го сакам овој проект и верувам во него уште од првиот ден и веројатно од тоа ја црпев силата да одам до крај на најдобар можен начин. Денес сум среќна кога гледам како реагира публиката и тоа ми е најголема награда “.
На проекцијата во Сараево, меѓу другите, синоќа присуствуваа и Радивоје Раша Буквиќ, актер со завидна меѓународна кариера, познат по улогите на “Die Hard 3“ и “Taken“, кој во оваа серија го игра Урош, една од главните улоги и Арбен Бајрактарај, познат по своите улоги во филмовите „Taken“ и серијалот „Хари Потер“, а кој гледачите ќе го гледаат во улогата на Дардан.
Премиерата на фестивалот ја проследија и останатите протагонисти на серијата, како што се Грејс Паласка, Менсур Сафкиу и Себастијан Каваз. После гламурот на црвениот тепих, екипата ја продолжи својата дружба на after party во локалот Дос Херманос, каде им се придружија познати меѓународни и регионални имиња од светот на филмот, кои престојуваат во главниот град на Босна и Херцеговина за време на одржувањето на Сараево Филм Фестивал.