Во писмото испратено до тамошните фудбалски клубови, шпанската влада ги советува да ги откажат спонзорските договори со обложувалниците до крајот на оваа сезона, бидејќи се очекува да биде донесен нов закон поврзан со рекламирање на игри на среќа.
Во писмото се наведува дека рекламирањето на обложувалниците ќе биде забрането кога новата одредба што веќе е одобрена на владина седница ќе биде изгласана во парламентот и со тоа ќе стане закон.
Преодниот рок за спроведување на новиот закон ќе трае до мај следната година.
Забраната за рекламирање на игрите на среќа треба да придонесе за ограничување на обложувањето кое што носи сериозни здравствени и социјални опасности, особено кај младите.
Се проценува дека статусот на врвните спортисти како пример за младите во последните четири години, го зголеми учеството во обложување кај лицата на возраст помеѓу 18 и 25 години од 29% на 40%, а износот на парите што младите ги трошат во обложувалниците се зголеми за 13% во истиот период.
Дури седум од сегашните 20 шпански фудбалски прволигаши, вклучувајќи ги Севилја и Валенсија, како спонзори имаат обложувалници.
Претседателот на Ла Лига, Хавиер Тебас се спротивстави на владината одлука, велејќи дека клубовите, кои веќе се соочуваат со финансиски загуби од пандемијата на корона вирусот, ќе изгубат 90 милиони евра поради тоа и побара тригодишен преоден рок за прилагодување.