Поминаа две и пол недели од одржувањето на американските претседателски избори и државата е сé уште длабоко поделена. Победник се чини дека е Џо Бајден, но актуелниот претседател Доналд Трамп, барем официјално, сé уште не се дава. Тој спори дека резултатите се наместени и имало изборна измама – и така во секој втор твит.
Меѓутоа, Твитер, кои имаат сопствена „историја“ со претседателот, се реши да ги обележува сите тие твитови со ознаката „This claim about election fraud is disputed“ („Ова тврдење за изборна измама е оспорено“). Но, интернет како интернет, дури и најсериозната тема знае да ја претвори во шега и „меме“.
Корисниците се одлучија да ја земат и модификуваат ознаката на Твитер и да почнат да ја „лепат“ на секакви тврдења. Една популарна опција беше да се направи негација на тврдењето – дека тоа не е оспорено од никого. Ваквиот тренд го забележаа и брендовите, па и тие решија малку да се приклучат на „забавата“ – од Бургер Кинг, па сé до фудбалскиот клуб Барселона.
Можеби од Твитер нема да бидат среќни што нивниот факт-чекинг се претвори во „меме“, но во тоа лежи убавината на слободниот интернет. На крај краева, сето тоа е во духот на хуморот и со добра намера.