Претседателот на САД, Доналд Трамп, минатата недела донел извршна одлука со која им забранува на сите агенции кои имаат договори со државни институции за организација на обуки за „разновидност“, поради наводно предизвикување на „поделби“ во општеството.
Во одлуката се наведува дека обуките кои „промовираат расна или полова стереотипизација и избор на „жртвено јагне“ ја поткопуваат ефикасноста на федералните договори.“ Ова ги вклучува обуките кои предаваат за концепти како „критичка расна теорија“, „бела привилегија“ и „несвесни предрасуди“.
Доколку се откријат договори помеѓу државни институции и агенции кои организираат обуки за ваквите теории, тие ќе бидат откажани, раскинати или суспендирани во целост или делумно, а на агенцијата-изведувач може да му биде издадена забрана за склучување понатамошни договори на федералните власти на САД.
Во Одлуката се наведуваат неколку примери на обуки кои отсега натаму ќе бидат забранети, како што бил скорешниот случај со еден семинар во Министерството за Финансии каде се изнесувале тврдења „дека сите бели луѓе, без разлика на нивната освестеност, придонесуваат кон расизмот“, наложувајќи им на лидерите на работните групи да ги охрабруваат вработените да избегнуваат наративи како „Американците треба да бидат слепи за бојата на кожата“ и дека „вештините и карактерите на луѓето треба да бидат единствените критериуми по кои тие се разликуваат.“
Ваквата одлука предизвика значителна загриженост кај дел од агенциите. Претседателката на Американската Асоцијација на Адвертајзинг Агенции, Марла Капловиц, посочи дека „Несигурностите предизвикани од Одлуката може да бидат причина за нови конфликти во однос на тековните обврски што агенциите ги имаат според законите на поединечните сојузни држави за придржување до програмите за обуки за разновидност. Агенциите потенцијално би морале да создаваат или да се претплаќаат кон различни програми за обуки за разновидност со цел да се усогласат со новата Одлука, што би било причина за големи трошоци и дополнителни усложнувања за многу мали и средни агенции.“