Велика Британија одлучи да ги укине рекламите во кои познати личности промовираат обложување, а се преиспитува и онлајн рекламирањето на производи кои поттикнуваат гоење, бидејќи во оваа земја има се` повеќе дебели луѓе, особено деца.
Новата одлука се однесува на забраната за позиционирање на нездрави намирници околу касите во супермаркетите низ Англија, како и укинување на акциите „1 + 1 гратис“ за овие намирници. Целта е да се сузбие дебелината во земјата, а тука првенствено се мисли на газирани сокови, чипсови, слатки.
„Храбар прв чекор“ е мотото на организациите кои се залагаат за поздрава исхрана, без висок процент на маснотии и шеќер во производите. Слично правило за продажба ќе се применува на самиот влез во продавниците, така што спорните намирници нема да им бидат „при рака“ на купувачите.
Покрај тоа, постојат и рестрикции поврзани за онлајн продажбата: ова вклучува забрана за кликбејт линкови кои што водат до нездрави производи. Исто така, рестораните веќе нема да смеат да нудат бесплатно полнење пијалоци кои содржат високо ниво на шеќер.
Сепак, овие забрани нема да стапат во сила веднаш, туку од април 2022 година, а прво ќе се одржи процес на консултации. Правилата за промоции би се применувале само за поголемите трговци, оние со 50 или повеќе вработени.
Ограничувањата поврзани со местата во објектот каде може да се најде нездрава храна, се однесуваат на продавници поголеми од 185 квадратни метри, со исклучок на специјализираните продавници за малопродажба, како што се продавниците за чоколади.