Изложба под наслов „WO-MAN” на академската уметница Христина Зафировска ќе биде отворена вечерва во 20 часот, во Изложбениот салон – Империјал 2, пренесува МакФакс.
Проектот „WO-MAN” нуди една лична критика на сѐ повулгарната експлоатација на жената во маркетинг-индустријата. Револтот на авторката произлегува од медиумските претстави за предвидената квазифункција на жената во општеството кои според авторката вршат еден вид секојдневна инфотортура и свесно наметнуваат норми за изглед и однесување.
„Наспроти сите декларативно добиени законски права што ги изедначуваат жените и мажите, сѐ понаметнато се случува манипулативно изместување на претставите за цивилизациските достигнувања, вредности, карактеристики што се позитивен пример на полова/родова еднаквост и за жал, во современите рекламни кампањи (базирани врз телесната појавност), речиси без исклучок, функцијата на жената се дефинира како синоним за репродукција и сексуалност“, вели кураторката на проектот Маја Чанкуловска-Михајловска.
Изложбата е во организација на Културно информативниот центар (КИЦ) од Скопје и истата ќе биде отворена до 15-ти ноември.
Христина Зафировска дипломирала на Факултетот за ликовна уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, на смер сликарство со графички дизајн. Моментално е магистрант на Факултетот за Дизајн и Мултимедија во Скопје-насока графички дизајн. Работи во полето на сликарството, графичкиот дизајн, инсталацијата, цртежот, фотографијата и видеото.
Активно учествува на локални и регионални проекти и погранични соработки од областа на културата. Дел е од многубројни фестивали, работилници, групни претставувања на Балканот, во Европа и пошироко